Полицијата во австрискиот град Линц соопшти дека непознати лица ставиле шајки во слатки што им биле делени на децата за време на празнувањето на Ноќта на вештерките. Поради ваквиот опасен инцидент, надлежните органи издадоа итно предупредување до граѓаните воопшто да не се консумираат никакви слатки што најмладите ги собрале за време на овој празник.
Полициското предупредување, со кое апелираат граѓаните да не ги јадат слатките што децата ги добиле додека ги посетувале домовите и становите во населбата Линц-Ед, уследи откако дваесет и осумгодишен маж пронашол метални шајки во чоколади и во гуми за џвакање што неговите деца ги донеле дома.
Според деталите што ги објавија полициските служби, шајките пронајдени скриени во слатките биле со должина од приближно еден сантиметар. Инспекторите наведуваат дека дел од овие остри предмети воопшто не биле видливи од надворешната страна на пакувањата.
