Овој состав на Собранието нема мандат за уставните измени, сметаат претставниците на политичките партии кои не се застапени во Собранието, а се дел од коалицијата „Обнова за Македонија“. Тие, посочувајќи дека не се одвојува доволен простор за да се слушнат нивните ставови, денеска испратија соопштение во врска со актуелните случувања во земјата, особено за најавата на Владата дека деновиве ќе ги достави предлог измените на Уставот на разгледување во Собранието.

„Ние сме доста загрижени од начинот како се води државата. Денешната состојба на економијата, образованието, здравството, културата, а особено енормно високиот степен на корупција и непотизмот се на такво ниво што секого треба да загрижува, секој граѓанин на Македонија без разлика на која партија, нација или култура припаѓа. Ваквата сосотојба се должи првенствено на неразумниот однос на властите спрема опозицијата за крупни прашања во државата, одбивајќи секаква соработка со опозицијата. Така беше со референдумското изјаснување за промена на името, така беше со уставните измени за задоволување на барањата на Грција за промена на името на државата, така беше и со потпишување на штетниот т.н. „француски предлог“, чии последици денеска се повеќе од очигледни. Судството е посебна приказна за време на владеењето на СДСМ и ДУИ, заедно со останатите партнери. Такво ниско ниво на доверба на граѓаните спрема судската власт не се памети во поновата историја на Република Македонија“, стои во соопштението.

На средбата присуствувале претставници на: Социјалистичка партија на Македонија, Демократска Партија на Србите, Движење за Национално Единство на Турците (ДНЕТ), ПОДЕМ, Нова Либерална партија, Работничко-земјоделска партија, Титови леви сили, Партија на Власите, Српска Напредна Странка, МААК, Бошњачка партија, Глас за Македонија и Демократска Партија на Ромите.

Нивниот заеднички став во врска со најавите за промена на Уставот, како што истакнуваат, под бугарски диктат, кој е услов за вистински почеток на преговорите за полноправно членство во ЕУ, е дека овој собраниски состав не добил мандат од граѓаните за вакво нешто.

„Сметаме дека овој состав на Собранието на РМ нема мандат за ваква промена на Уставот на РМ. Имено ниту една политичка партија за време на изборите одржани во 2020 година во своите програми немаше предвидено промена на Уставот на РМ. Тоа значи дека гласачите во Македонија не дадоа мандат на било која партија за ваква промена на Уставот. Како посебна причина за неприфаќање на овие уставни измени е односот на Бугарија спрема македонскиот народ, негирајќи го националниот идентитет, јазик, историја и култура. Ваквите билатерални проблеми или недоразбирања се решаваат по дипломатски пат со реципроцитет во меѓусебните односи. Тоа значи дека ако ние го внесеме бугарското малцинство во Уставот на Македонија, тогаш и Бугарија истовремено треба да го внесе македонското малцинство во Бугарија во нивниот Устав. Ова е меѓународно признато право и традиција за решавање на спорови од ваков вид. Од тука нема никаква гаранција дека Бугарската страна во текот на отварањето на поглавјата за пристапно членство нема да блокира процесот со други небулозни барања“, се наведува во соопштението.

Со оглед на распоредот на силите во парламентот, според нив, повеќе од јасно е дека власта не може да обезбеди 2/3 мнозинство за ваква промена на Уставот.

„Оттука како решение за целокупната криза во земјата предлагаме најбрзо, без одлагање да се оди на предвремени парламентарни избори, после кои избори наредната влада ќе има мандат да ја реши оваа наследена тешка состојба во земјава. Секој обид за поткупување, уцена и притисок врз пратениците врз оваа основа, ќе претсатавува големо национално предавство како на оние кои притискаат така и на оние кои ќе подлегнат на ваквите притисоци. Расположението на народот е јасно и во никој случај не одобрува промена на Уставот на РМ под булгарски диктат. Ние горе споменатите политички партии цврсто стоиме на определбата за членство на Македонија во ЕУ, но тоа членство треба да биде достоинствено, со високо кренета глава и почит. Со почитување на сите карактеристики на независна држава и нејзиниот суверенитет“, стои во соопштението на ДНЕТ, во име на помалите партии од коалицијата „Обнова за Македонија“.