Полицијата во изминатото деноноќие лишила од слобода 17 возачи поради безобѕирно управување со моторни возила. Од нив, 14 управувале без возачка дозвола, а меѓу санкционираните имало и пет малолетници.

Според информациите од МВР, најголем број од лицата биле затекнати на подрачјето на Скопје и Тетово. Во Скопје биле приведени шест лица, од кои двајца малолетници, додека во Тетово биле лишени од слобода четири лица, меѓу кои тројца малолетници.

По едно лице без возачка дозвола било затекнато и на подрачјето на Куманово, Велес, Охрид и Прилеп.

Покрај возачите кои управувале возила без положен возачки испит, полицијата привела и тројца возачи кои седнале зад волан под дејство на алкохол. Станува збор за лица од Куманово, Македонска Каменица и Скопје.

Во еден од случаите во Скопје, алкохолизиран возач со автомобил „форд“ удрил во паркирано возило од истата марка, при што била предизвикана материјална штета.

Од МВР информираат дека по целосното документирање на сите случаи ќе бидат поднесени соодветни кривични пријави против сторителите.

Полицијата апелира до граѓаните да не управуваат моторни возила без возачка дозвола, во период кога им е изречена забрана за управување или под дејство на алкохол, со цел да се зголеми безбедноста во сообраќајот.