На телевизија Канал 5 во емисијата „Само Вистина“ гостуваше портпаролот на ВМРО-ДПМНЕ, Валентин Манасиевски кој се осврна на актуелните случувања поврзани со уставните измени и односите со Бугарија и порача дека ВМРО-ДПМНЕ е против уставни измени под бугарски диктат.
„Мора јасно да знаеме од каде започна оваа ситуација, уставните измени апсолутно сме против само заради тоа што се под бугарски диктат. Не може да велите пред Европската Унија, да прифаќате некои договори кои не ни биле барани можеби од вас, а тоа е да речеме Бугарите во Устав, ги пренесувате како предлог, ги прифаќате, а немате механизми како да ги донесете во Собранието. Без ВМРО-ДПМНЕ, уставни измени нема да се случат. Уставни измени под диктат на Бугарија нема да дозволиме“, рече Манасиевски и додаде:
„Зошто ги прифативте уставните измени а немавте механизми како да ги донесете во 2022 година? Зошто сте го дале тој услов? Дали гарантиравте дека со промената на уставното име Македонија ќе беше дел од Европската Унија и НАТО? Зошто 8 години потоа ние не сме дел од Европската Унија? Тоа прашање треба да го одговорите“.
Манасиевски посочи дека постои суштинска разлика меѓу политиките на претходната и актуелната власт, при што ја обвини поранешната власт за низа одлуки и договори кои не биле во интерес на државата, при што ги потенцираше уставните измени и потребата од гаранции за непречено продолжување на европскиот пат.
„Апсолутно има многу голема разлика од вашето владеење до владеењето на ВМРО-ДПМНЕ, вашето владеење беше поданичко, расипничко кое само интересите беа на Димитар Ковачевски, Зоран Заев, Венко Филипче, наспроти тоа денес имаме државничка политика која е чесна, одговорна, транспарентна и работи сите тие лоши договори што ги прифативте, денеска да ги промениме и да имаме една јасна слика како да станеме дел од Европската Унија. Доколку утре ги спроведеме уставните измени, како имаме сигурност дека Бугарија утре ден може да ни стави вето на било која друга тема, мора да имаме ние некакви гаранции дека тоа ќе ни го предвиди патот кон Европската Унија“, посочи Манасиевски.
На крај Манасиевски истакна дека државата треба да води исправна и самостојна политика, наместо да се прифаќа сè што ќе биде побарано од неа и се осврна на ставовите на Бугарија со што предупреди дека со евентуалното спроведување на уставните измени би можеле да следуваат и нови барања.
„Мора да водиме политика којашто е исправна а не поданичка и да прифаќаме се што некој друг ќе побара од нас, ако ги спроведеме уставните измени потоа Бугарите ќе бараат многу повеќе од нас, вие знаете кој е ставот на Бугарите за нас, дека ние сме од 1944 година, дека јазикот е бугарски, дека е дијалект на бугарскиот, дека ние како Македонци не постоиме како нација“, дециден е Манасиевски.
