Заменик-претседателот на Владата и министер за транспорт Александар Николоски престојува во дводневна работна посета на Брисел, каде што ќе учествува на официјални средби организирани од Европската комисија.

На средбите ќе се разговара за актуелните економски и политички прашања, реализацијата на инфраструктурните проекти, Планот за раст, како и за процесите на интеграција и проширување на Европската Унија.

Николоски најави дека ќе се сретне со претставници на Европската комисија, а ќе учествува и на главната сесија организирана од „Пријатели на Европа“, на која се очекува присуство на околу 200 европски лидери.

„Овие два дена сум во посета на Брисел, на средби со претставници на Европската Kомисија, каде ќе разговараме за актуелните економски, инфраструктурни политики во државата, како и за процесот на интеграција и на проширување на Европската Унија и секако за Планот за раст каде што Македонија бележи огромни резултати, каде што Македонија е лидер во регионот. Она што е особено значајно и на што сум особено горд е дека на покана на „Пријатели на Европа“, вечерва ќе бидам дел од главната сесија на којашто ќе учествуваат околу 200 лидери од Европа. Тука се пет комесари, претставници на Европската Комисија, преку 20 европратеници, премиери на држави, вицепремиери, министри, претставници на бизнис секторот, каде што ќе зборуваме за иднината на Европа и што е она што ја определува иднината на Европа и на Европската Унија и на поширокиот европски континент“, изјави Николоски.

Во текот на утрешниот ден, Николоски ќе се обрати на самит посветен на транспортните коридори. На настанот, заедно со високи претставници на Европската Унија и на европските финансиски институции, ќе разговара за развојот на коридорите и за големите инфраструктурни проекти во Македонија.

Тој најави дека на транспортниот самит ќе учествува заедно со генералниот директор на Европската инвестициска банка, Роберт де Грот. Николоски потсети дека банката инвестира во Македонија и дека од неа биле обезбедени 150 милиони евра грант за изградба на железничката пруга на Коридорот 8 кон Бугарија.

„Утре исто така ќе бидам дел од транспортниот самит каде што заедно со генералниот директор на Европската инвестициска банка, Роберт де Грот, банка којашто инвестира многу во Македонија, од којашто добивме 150 милиони евра грант за изградба на железницата на Коридорот 8 кон Бугарија, ќе зборуваме за големите инфраструктурни проекти коишто ги има Македонија и тоа ќе е вовед во посетата на претседателката на Европската Комисија, којашто во петок доаѓа во Скопје“, рече Николоски.

На утрешната сесија на „Пријатели на Европа“ ќе се разговара и за проширувањето на Европската Унија. На настанот ќе учествуваат вицепремиерите на Украина и на Молдавија, како и претставници од регионот.

Николоски порача дека земјите членки на ЕУ не треба да ги блокираат кандидатите и изрази надеж дека Бугарија ќе направи чекор напред, со што Македонија би ги почнала преговорите за членство во Унијата.

„Исто така, на утрешната сесија на „Пријатели на Европа“ ќе зборуваме за процесот на проширување во друштво на вицепремиерот на Украина, понатаму вицепремиерот на Молдавија, претставници од регионот, каде разговараме за процесот на проширување и за она што е потребно да се направи за процесот на проширување. Секако тука е многу важно земјите членки на Европската Унија да сфатат дека не смеат да ги блокираат земјите кандидати. Тука се надевам дека ќе има мудрост кај Бугарија и дека Бугарија ќе направи чекор напред и дека ние ќе ги почнеме преговорите за членство во Европската Унија. Овие се ретки моменти каде што се добива можност директно да се комуницира на формален и на неформален начин со оние коишто ги носат одлуките во Европската Унија и затоа сите ќе продолжиме да се бориме за Македонија“, истакна заменик-претседателот Николоски.