Фудбалската топка со која Диего Армандо Марадона го постигна легендарниот гол познат како „Божјата рака“ на Светското првенство во 1986 година е продадена на аукција за 2,5 милиони фунти. Продажбата се одржа во саботата во САД, објави Би-Би-Си.

Топката „Адидас Ацтека“ повеќе од три децении беше во сопственост на Тунижанецот Али Бин Насер, кој беше судија на четвртфиналниот натпревар меѓу Аргентина и Англија на 22 јуни 1986 година во Мексико Сити.

Во 51. минута од натпреварот, Марадона ѝ донесе водство на Аргентина со гол постигнат со рака, кој подоцна стана познат како „Божјата рака“. Само четири минути подоцна, аргентинската легенда повторно се запиша во листата на стрелци, овојпат со спектакуларен слалом од средината на теренот до противничкиот гол, при што помина четворица фудбалери и голманот.

Една недела подоцна, Аргентина ја освои светската титула, откако во финалето ја совлада Западна Германија со 3-2.

Иако топката на саботната аукција беше продадена за 2,5 милиони фунти, односно 3,3 милиони долари, пред продажбата се очекуваше нејзината цена да достигне близу 10 милиони долари.

Али Бин Насер во 2023 година потпиша писмо со кое потврди дека станува збор за единствената топка што била користена за време на натпреварот. Нејзината автентичност потоа била потврдена и со независна верификација.

Бин Насер првично ја продаде топката во 2022 година за 2,37 милиони долари. Новиот сопственик повторно ја понуди на аукција во 2023 година, но тогаш не беше продадена бидејќи понудите не ја достигнаа минимално определената вредност.

На истиот натпревар Марадона го носеше дресот кој подоцна исто така стана вреден колекционерски предмет. Дресот беше продаден на аукција во 2022 година за 7,1 милиони фунти.