Чекањето за ЕУ нема да се исплати и може да пропуштиме голема шанса за членство во ЕУ, смета вицепремиерот за европски прашања Бојан Маричиќ кој беше гостин во вестите на ТВ Алсат, пренесува 360stepeni.mk.
„Овој пат е многу јасно дека чекањето не ни се исплати и дека чекањето може да ни донесе само да пропуштиме уште една голема шанса којашто не знаеме дали ќе се повтори за нас. Затоа што ако 2030 има проширување, а ние не влеземе, сметајте дека наредното проширување сигурно нема да се случи во наредните 10 години“
рече Маричиќ.
Тој додаде дека владата ќе ги употреби сите сили за да ја убеди опозицијата и како политичка партија, но и како поединци да дадат поддршка на уставните измени бидејќи цената на неизгласувањето ќе биде многу поголема од заблудата дека може да се добие подобар договор и дека се исплати да чекаме.
„Ако ние мислиме дека е добра стратегија да чекаме уште 20 години најмалку да станеме членка на ЕУ, тоа е стратегија која ќе ни ја испразни државата од млади луѓе и ќе ја убие надежта за европска иднина“,
Зборувајќи за важноста на оваа шанса, Маричиќ рече и дека наведувањето на 2030 година како временска одредница за ново проширување од страна на европските претставници е пресвртница и првпат по зачленувањето на Хрватска во ЕУ се дава временска рамка.
„Ние сме во категоријата на држави што преговараат заедно со Албанија, Србија, Црна Гора и мислам дека треба да движиме на таа брза лента што побрзо, односно не подоцна од 2030 година да станеме држава членка на Европската Унија“,
Тој очекува до крајот на годинава да се донесе одлука за почеток на преговорите и за Украина и за Молдавија, па тие заедно со земјите од регионот би биле во тој пакет за следно проширување.
2030 година, според очекувањата на Маричиќ, ќе се потврди и како политичка цел за новото проширување на ЕУ на следниот самит во Гранада.
„Очекуваме на самитот во Гранада да се зацртаат практично целите на процесот на проширување – 2030 да се потврди со политички заклучок на телата на ЕУ како политичка цел за ново зачленување, да се направи одприлика таа листа на држави коишто ќе целат кон членство во 2030“,
потенцираше вицепремиерот.