Вицепремиерот за европски прашања, Бојан Маричиќ, денеска оствари проштална средба со амбасадорката на Сојузна Република Германија во Македонија, Анке Холштајн.
На средбата, како што соопшти СЕП, беше разговарано за соработката меѓу двете земји во процесот на европската интеграција на Македонија, текот на скрининг процесот, активностите во рамки на Берлинскиот процес, но и за приоритети на Владата во следниот период.
Вицепремиерот заедно со германската амбасадорка во заминување, Холштајн се согласија дека Македонија е на вистинскиот пат и на чекор до исполнување на нашата стратешка цел.
На средбата беше потенцирано дека со почетокот на преговорите со ЕУ, државата испиша историски датум во евроинтеграциите и со темелни реформи, заедништво и обединување околу ова прашање, успехот на патот кон ЕУ ќе биде загарантиран.
Амбасадорката Холштајн истакна дека Сојузна Република Германија останува наш силен поддржувач и докажан партнер кој континуирано ќе придонесува во напредокот на Македонија кон ЕУ, за побрзо достигнување на европските стандарди во клучните областите опфатени со Кластерите од преговорите, особено оние од Кластерот 1, „Фундаментални вредности“.