„Во среда очекуваме прво секако подобар резултат од оној во првиот круг. По 8 мај очекуваме една, СДСМ е силна партија, партија која има и постапки и процедури и демократски капацитет и потенцијал да ги отвори сите дискусии да ги анализира и причините за овие резултати но и последиците по државата, по партијата. Јас сум сигурен дека една од ретките партии ако не и единствена која што има толку демократски механизми внатре во партијата и за дискусија и отчетен конгрес и директен избор на претседател што сето тоа ќе придонесе да зајакне партијата, да ги збиеме редовите и да излеземе уште посилни од оваа ситуација,“ истакна секретатот за меѓународна соработка на СДСМ и кандидат за пратеник во ИЕ 1, Бојан Маричиќ во изјава за медиумите.
Тој посочи и дека, како што кажува и слоганот на изборите – „ нема откажување од иднината.“
„СДСМ да не се откаже од својата идеологија, своите политики и она што го застапува своите идеали, принципи и вредности. Од АСНОМ и Гоце Делчев и ние како партија на наследниците и на АСНОМ и на НОБ и на Гоце Делчев што и денес го покажуваме па до политичките наследници на Киро Глигоров и сите државотворни одлуки кои сме ги донеле во изминативе 30 години, сите до една го имаат издржано тестот на времето,“ истакна Маричиќ.
Тој додаде дека ниту една одлука досега не била ниту поништена ниту изменета туку била со тек на време прифатена и вградена во државноста на Македонија.
„Така ќе биде и овој пат. Сигурен сум дека ќе продолжиме и со нашите прогресивни политики и со поддршка на демократскиот развој, на слободите и правата на граѓаните и на европските интеграции и дека од тоа нема да се откажеме,“порача Маричиќ.