Заменик претседателот на Владата задолжен за европски прашања Бојан Маричиќ на својот фејсбук-профил напиша дека со францускиот предлог имаме можност да го почнеме преговорачкиот процес на македонски јазик, признаен од цела Европска Унија.
Маричиќ вели дека досегашните политики и сите чекори кои ги направила оваа Влада биле стратешки и во интерес на државата и граѓаните и дека ќе останат доследни на македонските национални интереси и цели.
– Досега нашите политики и сите чекори кои сме ги направиле биле стратешки и во интерес на државата и граѓаните. Со францускиот предлог имаме можност да го почнеме преговорачкиот процес на македонски јазик, признаен од цела Европска Унија, напиша вицепремиерот.
Меѓувладината конференција и скринингот се првите чекори од преговарачкиот процес и кај сите земји членки во просек траеа околу 12 месеци. После тоа, појаснува тој, следува отворање на првото поглавје, а до тогаш би било потребно внесување на трите нови етнички заедници во нашиот Устав, покрај постоечките седум.
– Имаме можност за чист напредок во европските интеграции со чист македонски јазик и идентитет признаен од целата Европска Унија. Тоа го добиваме без никакви условувања или отстапки. Напредокот после скринингот ќе зависи од внесувањето на Бугарите, Хрватите и Црногорците во Уставот што е само зајакнување на нашето еднакво мултикултурално општество. Нашиот европски напредок веќе нема да зависи од историските прашања кои ги покрева Бугарија и за кои треба да разговараме, но за кои никој од македонска страна нема да може да биде условуван. Остануваме доследни на нашите интереси и македонските национални цели. Од нас и само од нас зависи, пишува на фејсбук профилот вицепремиерот Маричиќ.