Духот на договорот со Бугарија е дека ние градиме пријателство и дека меѓусебно се почитуваме. Нашите политичари, особено официјалните лица, државата, владата секако се коректни и не биле причина за провокација,  изјави вечерва во Вин Вин вицепремиерот за европски прашања, Бојан Маричиќ.

„Меѓутоа изјавите на Џамбаски, изјавите на други поличари, како Костадинов, кои патем речено во Бугарија не се толку популарни колку што се кај нас. На пример Костадинов, не знам зошто ниту еден медиум во Македонија не го пренесе дека го викаат Коста Копејкин во Бугарија. Како алузија на руското влијание во неговото политичко дејствување. Имаме политички фактори кои што намерно влегуваат во провокација на Македонците и на Северна Македонија, за да испровоцираат наша реакција. Ние сме должни да го чуваме нашето достоинство. При тоа е возможно и да го чуваме нашето достоинство и да градиме пријателство“ – изјави Маричиќ.

Она што за жал, според мене е крупна и клучна грешка од бугарската страна, тоа беше посетата на Петков на отворањето на клубот „Ванчо Михајлов“, изјави вицепремиерот за европски прашања.

„Тоа беше пресвртната точка која што ги одведе работите во еден погрешен правец. Инаку сметам дека до тогаш имавме сериозни резултати кои што ја сменија перцепцијата за Бугарија во Македонија и обратно и ги зближија и народите и владите за да можат да решат проблеми што се од животно значење.“ – изјави Маричиќ.