Фонтаната го покажува фушот, непосветеноста, површноста на СДСМ. Плочките не го покриваат несработеното и неквалитетот, па вода тече од сите страни, обвинуваат во утринското соопштение од ВМРО-ДПМНЕ.

Од партијата велат дека Златко Марин е во трка за најнеспособен градоначалник којшто некогаш раководел со една општина. Мандатот му мина без ниту еден капитален проект, секојдневни скандали, скап ПР, додека се трошат премногу евра за наместени тендери за чешми, ПВЦ врати, кошеви .

И тоа малку што се обидел да изгради Марин за крај на мандатот во општина Аеродром, и тоа го направи неквалитетно и небезбедно за граѓаните, реагираат од партијата.

-Марин буквално фрли во вода 720 илјади евра за парк со фонтана во населба Острово. Парк „Бојмија” со фонтана ги чинеше граѓаните на Аеродром над 720 илјади евра, а за тие пари добија поплавени плочки, исушена трева и игралиште во опасност од струен удар заради неквалитетна инсталација. И тоа Марин го платил 720 илјади евра. 720.000 евра за парк и фонтана која што не само што не се украс на општината туку претставуваат и опасност за граѓаните, реагира ВМРО-ДПМНЕ.

Не е прашање дали ваква фонтана и ваков парк заслужуваат граѓаните, туку прашање е колку навистина чини ваков неквалитет платен 720.000 евра?

Парк „Бојмија” опасен по живот и фонтаната „Поплава” се само уште едни од низата сомнително и скандалозно потрошени пари на Марин. Вистината за сите вакви проекти наскоро ќе излезе на виделина и одговорност ќе мора да има.