Според него, бугарското вето на европскиот пат на Македонија е став и на Бугарската академија на науките, на бугарската историографија, на политичката елита, на политичките партии, независно од тоа дали станува збор за кнежевска Бугарија, царска Бугарија, Социјалистичка Република Бугарија, Народна Бугарија или, пак, сега на современа Бугарија.
-Тоа е нешто што е градено 140 години во бугарската држава, во бугарското општество и тоа не може да се промени сега. Договорот за пријателство и добрососедство и соработка меѓу двете држави беше само формата како да се унапредат односите, содржината остана иста . Ние можеме да соработуваме со Република Бугарија исклучиво само како држава, но мора да признаме дека ние како народ и како јазик постоиме само од 2 август 1944 година. Тука е проблемот. Со потпишување на договорот влеговме во една вешто поставена стапица од страна на Република Бугарија, која го искористи предлогот за потоа да изврши притисок. Кога веќе потпишавме дека имаме заедничка историја и дека не постои човеково право на бугарските граѓани на самоопределување како Македонци, ние се ставивме во една подредена ситуација и тоа Бугарите го искористија веднаш преку својата собраниска декларација и преку БАН да постават црвени линии кои ние никако не можеме да ги пречекориме, рече Ѓорчев за Сител.