Секој нека си ја понесе својата одговорност од должноста што ја имаме. Министерката за култура не е истражен орган. Не сум задоволна и не сме задоволни – порача Стефоска во Охрид.

УНЕСКО на 22 јуни ја објави предлог-одлуката Охридскиот Регион да биде ставен на Листата на Светско наследство во опасност на претстојниот состанок на Комитетот за Светско наследство во Фужоу, Кина, кој ќе се одржи од 16-31 јули.

Комитетот за Светско наследство одлучи да го впише Природното и Културното наследство на Охридскиот регион (Албанија, Македонија) на Листата на Светско наследство во опасност. Комитетот за Светско наследство бара од двете земји да развијат детален стратешки план за санација и акциски план во фази поврзан со јасно дефинирани цели и исходи за да се ублажат заканите на краток и долг рок. Комитетот за Светско наследство, исто така, бара од двете држави, во консултација со Центарот за Светско наследство да развијат предлог за посакувана состојба на заштита која кога ќе биде постигната би се отстранил на Охридскиот Регион од Листата на Светско наследство во опасност, како и пакет на корективни мерки, вклучувајќи временски рокови за нивна имплементација – се наведува во предлог-одлуката, која се очекува да биде усвоена на состанокот.

Комитетот е разочаран од наодите на Реактивната мониторинг мисија од 2020 година.

Во врска со Македонија, Комитетот смета дека е направено премалку да се запре уништувањето на урбаниот и поширокиот пејзаж со несоодветни конзервација, реконструкција и развој.

Стефоска и албанската министерка за култура Елва Маргарити имаа заедничка седница на националните комисии на УНЕСКО на Македонија во Охрид, по што изјавија дека двете земји ќе изработат заеднички стратегиски план со дефинирани цели, заеднички иницијативи и проекти за заштита на Охридскиот Регион како исклучителна вредност.

Според Стефоска, планот ќе вклучува и корективни мерки, со временска рамка, а во периодот што следува ќе биде посветено поголемо внимание на прецизна координација во контекст на заедничкото управување на Охридскиот Регион во согласност со насоките од последниот извештај на Реактивната мисија на УНЕСКО.

На седницата присуствуваа и министерот за животна средина и просторно планирање на Македонија, Насер Нуредини, неговиот албански колега, министерот за туризам и животна средина Бленди Клоси, како и членовите на националните комисии и експерти од двете земји.

Соработката што ја воспоставивме со Македонија ни отвора врати за нови активности. Нѐ чекаат ангажмани кои беа подзаборавени заради пандемијата и на кои сега со обезбедување на услови забрзано ќе работиме – изјави Маргарити.

Двете министерки за култура во Охрид потпишаа и Програма за соработка во областа на културата меѓу министерствата за култура за периодот од 2021 до 2026 година, со која е предвидена и соработка во спречувањето на нелегалната трговија со културни добра.