Младиот македонски тенисер Марко Алексовски оствари огромен успех и стигна до двојна круна на меѓународниот турнир J30 во Улцињ за тенисери до 18 години. Петнаесетгодишниот македонски талент ја потврди својата одлична форма и ја продолжи победничката серија со шампионски трофеи во поединечна конкуренција и во игра на двојки.
Во големото финале во сингл конкуренција, Алексовски одигра доминантен меч и убедливо го совлада Марко Брињоли од Италија со чисти 2:0 во сетови (6:2, 6:1). Претходно, во полуфиналната рунда, тој водеше против Љубен Хубенков од Бугарија со 6:3 и 3:0, по што бугарскиот тенисер го предаде мечот. Единствениот загубен сет во текот на целиот турнир Алексовски го забележа во четвртфиналето, каде што славеше над Михаил Мичшенко од Казахстан со резултат 2:1 во сетови (6:1, 4:6, 6:2).
Победничкиот пат Алексовски го трасираше уште во групната фаза со три максимални победи без загубен сет. Тој најпрво го совлада Павле Вукосављевиќ од Србија (Црна Гора) со 2:0 (6:3, 6:3), потоа експресно го победи Лука Сецански од Србија со перфектни 2:0 (6:0, 6:0), а во третиот меч беше подобар од Раз Ти Поска од Италија со 2:0 (7:5, 6:2).
Успешната недела во Црна Гора младиот Алексовски ја круниса и со триумф во конкуренција на двојки, каде што настапи заедно со домашниот тенисер Скендер Катана од Црна Гора. Нивните финални противници, Никша Смиљаниќ и Немања Тодориќ од Босна и Херцеговина, го предадоа финалниот натпревар, со што македонско-црногорската комбинација стигна до победничкиот пехар.
