Марковите Кули ќе блеснат во ново светло, симболот на Прилеп ќе добие современа и уметничка илуминација што ќе ја истакне неговата убавина и историја – вети кандидатот за градоначалник на Прилеп Дејан Проданоски, презентирајќи ја својата предизборна програма.

Тој најави реконструкција на пристапните патишта до овој локалитет и целосно осветлување на Марковите Кули.

– Од 2006 година Маркови Кули целиов предел, не само ридот, туку и околниот простор се ставени под заштита. Значи, прогласен е за споменик на природата, како предел со исклучителни вредности. Во секој случај, илуминацијата не е нарушување на просторот, доколку се изведе онака како што е предвидено, односно врз веќе постоечка инфраструктура на просторот надвор од споменикот и итн. Ако го осветлиме, ќе добиеме прво еден посовремен, поубав лик да го претставиме ова културно богатство коешто го имаме од средновековието и да ја збогатиме на некој начин туристичката понуда. Со паметни интервенции со паметно вложување, само понатаму може да се унапредува и да се зголемува вредноста на самиот локалитет и можностите кои градот ќе ги добие покрај едно вакво природно и културно наследство – рече Проданоски.

Според кандидатот на ВМРО-ДПМНЕ, тоа ќе продонесе Прилеп да стане туристички бренд во Македонија.

– Идејата, согласно програмата, е да се обнови осветлувањето коешто некогаш сме го имале со современи уреди да се дополни, односно да се вклучи во она што е понатаму за развој на градот во Сејф Сити, да вклучиме и видео надзор за ова природно богатство да не се уништува и понатаму овие Маркови кули да се реконструираат. Постојат големи можности да се одвиваат работите во тој тек – рече Проданоски.