„Марковски компани“, Борче Марковски, беше ослободен од притвор и наместо во истражен затвор, мерката му беше заменета со куќен притвор.
Марковски, заедно со поранешен директор на ЕСМ, е осомничен за тендерски малверзации во вредност од над 100 милиони денари.
Од Обвинителството велат дека се загрижени поради одлуката на судот, оценувајќи дека постои реална опасност Марковски да ја напушти земјата, бидејќи, според нив, поседува значителен имот во странство.
„Одлуката со која се укинува притворот за лице осомничено за сериозни финансиски криминални дејства не е во согласност со ризиците што ги нотира обвинителството,“ наведуваат од институцијата.
Загриженост околу судската одлука изразија и од владејачката ВМРО–ДПМНЕ, кои сметаат дека станува збор за „политички притисок од страна на СДСМ и ДУИ врз правосудството.“
„Ова е уште еден пример за двојни аршини – додека се апсат обични луѓе, за бизнисмени блиски до старата власт се носат одлуки со политички предзнак,“ реагираа од партијата.
Обвинителството вчера отвори истрага против осум лица поврзани со тендерот во РЕК Битола, за кој се сомнева дека бил распишан со цел испумпување на државни пари преку фиктивни договори и фаворизирани фирми.
Според официјалните податоци, „Марковски компани“ во последните пет години инкасирала над 140 милиони евра од тендери во РЕК Битола, во најголем дел без конкурентна постапка и преку директни договори.
Во дел од тие зделки, како подизведувачи биле вклучени фирми поврзани со поранешното раководство на СДСМ, тврдат извори од истрагата.