Седми марш со јасна порака – „Неселективна правда за сите одговорни“

Семејствата на настраданите во трагичниот пожар во дискотеката „Пулс“ во Кочани  попладне повторно ќе излезат на улиците. Станува збор за седмиот по ред „Марш за ангелите“. Родителите и блиските на жртвите бараат неселективна и правична одговорност.

Маршот ќе започне во 16:05 часот од Паркот на Револуцијата. Ќе продолжи кон Трговскиот центар, а потоа и до зградата на Општина Кочани, Полициската станица, Основниот суд и Јавното обвинителство.

Граѓаните повикани да се приклучат – маршот добива широка поддршка

Семејствата ги повикуваат сите граѓани на Кочани и пошироко да се приклучат на маршот и да дадат поддршка за, како што велат, правдата која им е должена на 63-те жртви. Поддршка за настанот даде и граѓанската иницијатива „Кој е следен?”, која организира бесплатен автобуски превоз од Скопје до Кочани за сите што сакаат да учествуваат во маршот.

Истрагата при крај – досега испрашани над 300 лица

Во изјава дадена во четвртокот, државниот јавен обвинител Љупчо Коцевски најави дека истрагата би требало да заврши за околу десетина дена. Тој информираше дека се испрашани повеќе од 300 лица, а по завршување на истражните дејствија, одбраната ќе добие увид во доказите.

Очекувањата се обвинителниот акт да биде финализиран до средината на јуни. Коцевски истакна и дека доколку се појават нови докази или факти, истрагата ќе биде проширена.

Обемна истрага со 71 осомничен – бројот може да расте

Во досегашниот тек на истрагата, како осомничени се водат 68 физички и 3 правни лица. Трагедијата се случи на 16 март годинава, кога избувна пожар за време на концерт на бендот „ДНК“ во преполнетата дискотека „Пулс“. Животот го загубија 63 лица, додека над 200 беа повредени.