Еврокомесарката за проширување Марта Кос на почетокот на јули ќе престојува во посета на Македонија, во период кога повторно се актуелизира прашањето за деблокирање на македонскиот евроинтеграциски процес.
Во фокусот новиот нон-пејпер за проширувањето
Се очекува една од главните теми на разговорите да биде новиот нон-пејпер на германскиот канцелар Фридрих Мерц и францускиот претседател Емануел Макрон.
Документот предвидува модел за забрзана и постепена интеграција на земјите кандидатки во Европската Унија, со што се отвораат нови можности за забрзување на процесот на пристапување.
Мицкоски: Посетата е дел од редовната регионална турнеја
Премиерот Христијан Мицкоски изјави дека посетата на Кос е дел од нејзината редовна турнеја низ регионот и оцени дека нејзиното доаѓање претставува уште една потврда за интензивната комуникација на Владата со европските партнери.
„Според опозицијата Владата била изолирана, а како таква изолирана јас во рок од два месеци остварив билатерална средба со турскиот претседател, со францускиот претседател и со германскиот канцелар. На билатерална посета беше хрватскиот премиер, јас бев на билатерална посета кај австрискиот канцелар и претседателот на Европскиот совет беше тука во Скопје – сето тоа за само два месеца“, изјави Мицкоски.
Посетата следува по Самитот во Тиват
Доаѓањето на еврокомесарката Марта Кос во Скопје следува непосредно по Самитот Европска Унија – Западен Балкан, кој се одржа во Тиват.
Посетата е најавена во период кога повторно се отвора прашањето за надминување на блокадата на патот на Македонија кон членство во Европската Унија.
