– Ако сакаме да ја ставиме пандемијата под контрола, мора да ги сензибилизираме луѓето дека опасноста демне во затворени простории. За жал, до денес, значајни наоди од нашите истражувања не се преточени во практично дејствување, се вели во писмото до сојузната и покраинските влади, кое го цитира новинската агенција ДПА, објави „Дојче веле“.

Мерки треба да се преземаат во домовите, канцелариите, училниците, станбените комплекси и установите за згрижување.

Тие предупредуваат дека инфицирање се случува во затворена просторија дури и ако не се сретнете со некого директно, но претходно во неа било заразено лице, а просторијата била лошо проветрена. Се смета за сигурно дека коронавирусот се шири пред сѐ преку воздухот. Ова може да се случи преку капките што се создаваат при кашлање и кивање на зарзеното лице и се апсорбираат преку мукозните мембрани на здравото лице. Или преку аеросолите, мешавини на цврсти или течни суспендирани честички во воздухот кои содржат честички на Сарс-Ков-2.

– Тие се дефинирани како јадра на капки помали од пет микрометри и обично остануваат подолго во воздухот отколку поголемите капки кои брзо паѓаат на земја. Аеросолните честички можат да лебдат во воздухот со часови до денови. Другите начини на заразување – на пример преку допирање на контаминирани површини – играат многу помала улога во процесот на инфекција. Дебатите за забрани на шетањето по речните променади, седењето во пивските градини, трчањето или возењето велосипед се контрапродуктивни, се вели натаму во писмото на истражувачите на аеросоли.

Таквите забрани се повеќе од симболична природа и од нив „не може да се очекува значително да влијаат врз процесот на инфекција“.

На отворено, инфекциите се исклучително ретки, со удел во промили во вкупниот број на инфекции. Ограничените ресурси не треба да се трошат на вакви мерки. Исто така, на отворено нема заразување на големи групи луѓе – т.н. кластери – какви што се забележуваат во затворени простории, на пример во домовите за стари лица, училиштата, хорските проби или патувањата со автобус.

Досега познатите коронавируси остануваат опасни на површини како кваките околу четири-пет денови. Како и другите инфекции преку капки и SARS-CoV-2 се пренесува преку рацете и површините кои се допираат често во текот на денот. Иако вирусот е нов и затоа е прилично непознат, експертите сметаат дека и за него важат многу резултати од истражувања на други, веќе познати коронавируси.