Изет Меџити ја обвини ДУИ дека преку Арсовска врши притисок врз Чаир

Министерот за животна средина и просторно планирање Изет Меџити денеска изјави дека ДУИ ја злоупотребува Данела Арсовска. Притоа избегнувајќи директна политичка одговорност за состојбите во Чаир.

„Жално е што ДУИ дојде до вакво дереџе што кога се работи за Чаир се крие зад Данела и таа е искористена и злоупотребена од Блерим Реџепи и другите, наместо да се занимава со градот, јавните претпријатија, чистотата, водата на градот, градоначалничката се занимава само со Чаир“, истакна Меџити во интервју за телевизија Канал 5.

Според него, градоначалничката не понудила конкретно решение за справување со дивоградбите, а нејзиниот пристап е не само пасивен, туку и, како што рече, дискриминаторски.

„По тоа што го кажува Данела треба таму да се рушат згради и да се остават стотици луѓе без домови, да се влечат по судови, не дава никакво решение. Таа нема морално право да зборува затоа што четири години нема направено ништо за Чаир. Ние и обезбедивме средства како Влада, само требаше да го тераат проектот ‘Цветан Димов’, но немаше волја од неа. Еве во моментов таа покажува дека е антиалбански и анти-Чаир настроена. Зошто не се занимава со градбите во другите населби? Зошто не се занимава со нејзиниот партнер во власта на градот Скопје? И посочениот кандидат Бујар Османи живее во дивоградба, затоа тој не може да зборува за дивоградбите, туку се скриени зад Данела да ја искористат во текот на кампањата“, рече Меџити.

Во однос на физичкиот напад врз Арсовска, министерот изјави дека истрагата ќе покаже кој е одговорен. Тој истакна дека на снимката е видливо кој кого удира.

„Не е точно дека е командантот, туку е неговиот брат, кој не е командант. Работел во Паркови и зеленило и од политички побуди му поништила решение. И после три, четири дена му оди пред домот. Но, ова само покажува до кое дереџе е дојдена Демократската унија за интеграција“, подвлече Меџити.