Зборувајќи за разрешувањето на директорот на Клиниката за кардиохирургија, Сашко Јанев, министерот за здравство Фатмир Меџити во емисијата „24 анализа“ на ТВ 24 синоќа рече дека по направена инспекција во оваа здравствена институција биле констатирани „големи злоупотреби“.
„Ние во сите клиники имаме еден тајминг и праќаме инспекциски надзор. Од Државен санитарен инспекторат, наредив, а има инспекција во Клиниката за кардиохирургија и видовме од извештајот дека има големи злоупотреби и поради тоа така постапив. Со мојот кабинет како министер нема да има пет-десет години директори кои не даваат никаков извештај и немаат ништо сработено и за тоа одлучуваат професионалните органи. Тие решиле дека има злоупотреба и затоа така постапив“.рече Меџити најавувајќи дека и во наредните месеци ќе пратат инспекции во сите клиники и здравствени установи низ државата.
Разрешениот Јовев е кардиохирургот кој го предводеше тимот што ја направи првата трансплантација на срце во земјава. Тој претходно во изјава за „Фокус“ рече дека една од причините е што одбрал датум за јавен настан кој бил предложен од премиерот Димитар Ковачевски, а не од министерот Меџити.
„Пред една недела отворавме хибридна сала и слободно можам да кажам дека е единствена ваква во регионот. Меѓутоа, на самиот настан требаше да присуствуваат премиерот Димитар Ковачевски и министерот Меџити. Двајцата кажаа различни термини на кои им одговара денот кога да се официјално пушти во употреба хибридната сала, но премиерот инсистираше на одреден датум со оглед на бројните активности што ги има. Се одлучивме за таа дата и тука се налути министерот, кој не се појави на самиот настан“,рече Јовев за „Фокус“.