Во големата полициска акција вчера каде беа уапсени полициски службеници кои биле дел од синџир за фалсификување патни исправи и лични документи, меѓу приведените се Ѓ.В. од Струмица, кој важи за близок на фамилијата Заеви, како и Оливера, советник за одобрување на патни исправи, која е сестра на член од обезбедувањето на Заев, дознава Лидер.
Во вчерашната акција беа приведени деветмина вработени во МВР, додека по еден се трага.
Утрово министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски рече дека еден од од уапсените во аферата со издавањето пасоши на криминалци бил во секојдневен контакт со лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, што подоцна беше демантирано од потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Александар Николоски. Тој рече дека единствениот со кој контактирал Мицкоски, а кој можеби е поврзан со аферата „Mафија“ е премиерот Зоран Заев.
–Ова се смешни работи, СДСМ неколку дена пласира целосни лажни вести, класични „фејк њус“, ги растура пердувите со цел на тој начин да ја скрие сопствената одговорност мислејќи дека ќе ја дефокусира јавноста. Единствен со кого Мицкоски имал контакт изминатиот период, а кој можеби е поврзан со овие работи, е Зоран Заев со кого имаа лидерска средба, рече Николоски.
Николоски, кој денеска на прес-конференција откри нови имиња на лица кои од страна на МВР им биле издавани македонски пасоши рече дека ваквото кривично дело е возможно, најмалку, со знаење на претпоставениот кој е поставен директно од Оливер Спасовски.
Вчера во јавноста беа објавени и фотографии за еден од криминалците, Седат Пекер, кој кон крајот на јануари беше уапсен во Скопје и протеран во Косово бидејќи имал косовски пасош. Тоа што е зачудувачки е дека додека Пекер пресојувал во Македонија имал средби со криминалци, но и со градоначалници од власта и политичари.
Кандидатот за пратеник во ИЕ2 и коалиционен партнер на СДСМ, Мунир Колашинац исто така се дружел со Седат Пекер.