Меѓународниот кривичен суд (МКС) испрати тим од 42 експерти во Украина за да ги истражат можните воени злосторства што биле извршени во земјата, јави ДПА.
Тоа е најголемиот тим на истражители испратени од МКС, соопшти денеска во Хаг главниот обвинител Карим Кан.
Тимот вклучува истражители и форензичари, од кои некои беа обезбедени од Холандија, наведуваат од обвинителството.
Експертите треба да интервјуираат сведоци, да обезбедуваат и анализираат докази и да ги поддржуваат националните истражители во обезбедувањето докази.
Покрај тоа, тимот експерти, исто така, ќе работи заедно со француските експерти за судска медицина кои веќе се во Украина. Работата на сите вклучени во конфликтната област мора да биде ефективно координирана, соопшти обвинителството.
По руската инвазија, МКС веќе отвори истраги за наводни воени злосторства. Судот, со седиште во Хаг, гони поединечни сторители за воени злосторства, злосторства против човештвото и геноцид.
Русија не го признава судот, додава ДПА.
Украина, меѓутоа, експлицитно ја призна јурисдикцијата на судот над нејзината територија.