Набљудувачката мисија на ОБСЕ/ОДИХР внимателно го следи целиот тек на локалните избори во земјата, од подготовките до пребројувањето на гласовите, порача денеска шефот на мисијата, Матео Мекачи.

Според него, демократскиот процес не завршува со отворањето или затворањето на избирачките места.

„Не е важен само денот на изборите, туку и сите процеси кои се одвиваат пред и по нивното одржување,“ изјави Мекачи, нагласувајќи дека целта на мисијата е да процени дали изборите се спроведуваат во согласност со меѓународните стандарди.

250 меѓународни набљудувачи распоредени низ државата

Мекачи информира дека во земјата се распоредени околу 250 меѓународни набљудувачи, кои следат повеќе избирачки места.

„Ние сме овде како меѓународна набљудувачка мисија со цел да го следиме изборниот процес и да процениме дали сè се одвива во согласност со меѓународните стандарди. Ова гласачко место е само едно од многуте што ги набљудуваме низ државата,“ изјави тој.

Шефот на мисијата потсети дека активностите на ОБСЕ/ОДИХР започнале уште пред изборниот ден, со распоредување на 24 долгорочни набљудувачи кои го следат целиот изборен циклус.

„Во фокусот на нашата работа се регистрацијата на гласачите, текот и финансирањето на изборната кампања, пристапот на кандидатите до медиумите, денот на гласањето, како и пребројувањето на гласовите. Не е важен само изборниот ден, туку и сите процеси што го опкружуваат,“ порача Мекачи.