Денеска на сила стапија новите американски царини од 25% за Мексико и Канада, додека целиот увоз од Кина ќе се царини со 20%, со што САД почнаа нова трговска војна со трите свои најголеми трговски партнери.

Новите царини, кои би можеле да попречат речиси 2,2 трилиони долари во двонасочната трговија со САД, почнаа да се применуваат неколку часа откако Доналд Трамп кажа дека трите држави не сториле доволно за да го запрат протокот на смртоносната дрога фентанил во САД.

Кина одговори веднаш по истекот на крајниот рок, воведувајќи дополнителни царини од 10-15% на увозот на одредени добра од САД, како и нови извозни ограничувања за некои американски субјекти. Кина е најголемиот купувач на американските земјоделски производи.

И канадскиот премиер Џастин Трудо објави дека веднаш воведува царини од 25% на увоз од САД вреден над 20 милијарди долари, како и на дополнителни 86 милијарди долари ако Трамп не ги повлече царините во рок од 21 ден. Трудо претходно најави дека царините ќе се однесуваат на американските алкохолни пијалаци и апарати за домаќинство.

„Царините ќе нарушат неверојатно успешен трговски однос и ќе го прекршат договорот за слободна трговија помеѓу САД, Канада и Мексико потпишан од Трамп во неговиот прв мандат“, изјави Трудо.

Се очекува и мексиканската претседателка Клаудија Шеинбаум наскоро да го објави својот одговор на американските царини.

Извор: СДК