Италијанската премиерка смета дека фокусот е на растечкото кинеско влијание
Изјавите на американски претседател Доналд Трамп за Гренланд и Панамскиот канал не значат подготовка за насилна анексија, туку претставуваат сигнал во пошироката геополитичка игра, оцени претседателката на Владата на Италија, Ѓорѓа Мелони. Според неа, пораките од Вашингтон се насочени кон Кина, која покажува зголемен интерес за овие стратешки чувствителни територии.
Мелони изјави дека „исклучува оти САД насилно ќе припојат територии од нивни интерес во наредните години“, посочувајќи дека Гренланд и Панамскиот канал се региони каде што кинеското присуство и влијание се во подем.
„Изјавите на Трамп првенствено претставуваат порака насочена кон другите големи сили. Зборуваме за две територии каде што влијанието на Кина расте во последните години“, рече Мелони.
Шолц предупредува на неповредливоста на границите
Реакцијата на италијанската премиерка следи по настапот на Трамп, кој пред два дена одби да ја отфрли можноста за употреба на сила во однос на Гренланд, автономна територија под данска власт. Во исто време, тој повторно ја актуализираше идејата САД да ја вратат контролата врз Панамскиот канал, изграден од САД во 1914 година, доколку не се намали цената за премин на американските бродови.
На ваквите најави реагираше и германскиот канцелар Олаф Шолц, кој предупреди на опасноста од принудно поместување на границите.
„Принципот на неповредливост на границите важи за секоја земја – без разлика дали е на исток од нас или на запад“, рече Шолц, додавајќи дека за ова прашање разговарал со европските партнери.
Трамп повторно ја актуализира идејата за Гренланд
Во последните денови, Трамп во повеќе наврати изјави дека Гренланд треба да стане дел од Соединетите Американски Држави, што повторно ја отвори дебатата за безбедноста, меѓународното право и односите меѓу големите сили.
