Пресуда за случајот со училиштата „Зини Хани“ и „Браќа Миладиновци“
Основниот суд во Струга донесе пресуда со која градоначалникот Рамиз Мерко е осуден на две години условна казна за незаконско назначување директор во основното училиште „Зини Хани“ во Велешта и парична казна од 2.500 евра за училиштето „Браќа Миладиновци“ во Струга. Идентична условна казна доби и првообвинетата Егзона Шеи, која ја извршувала функцијата в.д. директор со фалсификувани документи.
Судечкиот судија Јордан Јованов истакна дека доколку обвинетите го повторат делото во рок од две години, ќе следува ефективна затворска казна од една година. Тој објасни дека Егзона Шеи, која била ангажирана како приправник четири години, не ги исполнувала условите за директор затоа што од потребниот петгодишен стаж само една година ѝ била признаена како наставничка работа.
Фалсификувани исправи и неправилности во назначувањето
Според образложението на судијата, обвинетата користела три фалсификувани исправи – уверение за завршен приправнички стаж, потврда за петгодишно работно искуство и мислење на Наставничкиот совет дека ги поседува потребните компетенции. Судот утврди дека сите дела биле сторени под исти околности и затоа изрече идентични условни казни.
– Со оглед на олеснителните околности, се изрекува условна казна во траење од една година, која нема да се изврши доколку во рок од две години не се стори ново кривично дело – изјави судијата Јованов.
Реакции и други постапки против Мерко
Незадоволство од пресудата изразија и јавниот обвинител Џемал Лога и адвокатот на Мерко, Игор Петкоски, кои најавија жалби. Обвинителот Лога оцени дека „со оглед дека за првиот предмет имаше условна казна, овој пат требаше да следи ефективна затворска“.
Рамиз Мерко претходно беше ослободен од обвинението за набавка на луксузен автомобил „Ауди“ вреден 67.000 евра, но доби парична казна од 10.000 евра за незаконско поставување директори во неколку основни училишта. Против него сè уште се водат судски постапки за незаконско поставување спомен-плоча на Општинската зграда и за договор за осветлување на дел од речното корито на Црн Дрим. Тој се наоѓа и на „црната листа“ на САД поради вмешаност во корупција.