Струшкиот градоначалник Мерко нема да биде единствениот македонскиот државјанин со кој ќе се прошири „црната листа“ на САД откако вчера Стејт департментот го прогласи за персона нон грата поради вмешаност во корупција и влијание во судството. Американската амбасадорка Агелер вели американската администрација прави ревизија на докази и за други лица.

„Има една листа на имиња кои се во процес на ревизија и на разгледување и откако ќе се утврдат сите факти ќе се донесе одлука. Не можам точно да кажам за временските рокови кога би се реализирале сите овие процеси, но сметам дека ќе има и други на листата, но не би можела да кажам точно кога“, вели Агелер.

Таа посочува дека во случајот со мерко имало силни докази за корупција. При тоа, вели дека сега работата треба да ја преземат македонските институции.

„Тука завршува ангажманот на САД и ние не можеме да кажеме што понатаму би требало да направат Владата и судството на Северна Македонија и какви мерки да преземат….Ќе продолжиме да соработуваме со тие што имаат добра волја за докрај да се реализираат процесите. Ова е сериозно прашање за нас, но тука имаме и прекрасни партнерства со претставници од Владата и други претставници од земјата со кои имаме навистина одлични односи и ќе продолжиме со нашите заложби за да обезбедуваме секаков вид на помош за и понатаму да продолжи нашето партнерство и соработка“

Дека ова треба да биде поттик за Владата во бробата против корупцијата смета и американскиот дипломат за Западен БаЛкан Ескобар.

„Се надевам дека одлуката на американскиот Стејт департмент за ставање на струшкиот градоначалник Рамиз Мерко на „црната листа“ на САД поради „тешка корупција“, ќе и помогне на Владата на Северна Македонија да продолжи со напорите за борба против корупцијата“ изјави Ескобар за Гласот на Америка на албански јазик.

Заедно со него, и координаторот за антокорупција во Стејт департментот РичарД Нефју, нагласува дека доказите против струшкиот градоначланик биле цврсти.

За тоа дали визните ограничувања се навистина добра антокорупциска мерка, Нефју вели дека во голема мера дава резултат бидејќи им покажува на гражаните дека не се сами и дека кога се соочуваат со корумпирани политичари ќе ја имаат поддршката и од меѓународната заедница.