Германскиот канцелар Фридрих Мерц изјави дека најголемиот дел од сириските бегалци во Германија треба да се вратат во својата татковина во наредните години, по средбата со сирискиот претседател Ахмед ал-Шара во Берлин.

Тој посочи дека планот предвидува враќање на околу 80 проценти од Сиријците кои моментално живеат во Германија, во период од три години.

„Во следните три години, околу 80 проценти од Сиријците што моментално живеат во Германија треба да се вратат во својата татковина. Тоа е желба и на претседателот Шара. Одредени групи, вклучувајќи лекари и медицински сестри, би можеле да останат. Граѓанската војна е завршена и сега, во принцип, постои перспектива за враќање во Сирија и ние сакаме да го овозможиме тоа заедно“, рече Мерц.

Милиони Сиријци ја напуштија својата земја по почетокот на граѓанската војна во 2011 година, а значителен дел пристигна во Германија за време на бегалската криза во 2015 и 2016 година.

Според податоците, до крајот на 2024 година во Германија биле регистрирани околу 1,23 милиони луѓе со сириско потекло.

Мерц, кој ограничувањето на миграцијата го постави како едно од клучните прашања во својата предизборна кампања, најави дека ќе бара соработка од Дамаск за да се олесни враќањето на Сиријците кои немаат законско право да останат во Германија.