За речиси 20.000 денари пораснале месечните трошоци за една година. Според извештаите на ССМ,  ако на едно четиричлено семејство во јануари лани му биле потребни над 30.000 денари за да ги покријат основните потреби за живот во месецот, веќе во декември за тоа им требале над 50.000 денари. Потрошувачката кошница сериозно почна да ги топи примањата на граѓаните. Најголем дел од парите одат за храна, за пијалоци и за домување. Од синдикатот за Телма велат дека е крајно време платите да почнат да се зголемуваат, затоа што ценовните шокови стануваат неиздржливи.

Покрај зголемувањето на платите кое е неминовно, државата и владата за да помогнат на граѓаните мора да спречат раст на цените на основните продукти и да води сметка за спроведувањето на мерките. Таа не смее да дозволува да има профитерство од страна на одредени газди и треба да ги заштити најранливи категории кои се секако погодени од оваа ситуација. Очигледно зголемувањето на платите мора да го следи и спречувањето на зголемување на цените, се вели во дописот од ССМ

Народната банка како механизам за ублажување на последиците од високите цени, неколку пати ја зголеми каматната стапка на благајничките записи. Од оваа стапка зависи како ќе се движат каматите и на кредитите и на депозитите. Сепак, експертите не се оптимисти дека нешто ќе се промени годинава. Нивните прогнози се дека цените ќе продолжат да растат и во 2023 година.

Властите, пак, веќе неколку пати најавија намалување на цените, откако обезбедија поевтина струја за дел од прехранбените компании, нешто што го бараа подолго време, а која беше клучен фактор за поскапувањето. Сепак, тие ја добија струјата, но намалувањето беше незначително. Цените останаа високи и за време на новогодишните празници. Сега пак компаниите поголеми поевтинувања најавуваат до крајот на месецов.

Во прилог ви ја прикажуваме и веста на Телма, која ја обработи оваа проблематика