Поголема заштита на граѓаните, кои користат услуги на финансиските друштва и зголемување на довербата во финансиските друштва се дел од целите на измените на Законот за финансиските друштва, што ги предложи Министерството за финансии, а ги усвои Владата на последната седница.
Со измените на Законот за финансиските друштва во насока на заштита на потрошувачите, кои се корисници на услугите од овие друштва, се утврдува максималниот износ на сите трошоци поврзани со кредитот, се укинува можноста за земање кредит за затворање на претходно доспеан кредит во исто финансиско друштво, а се укинува и можноста трговските друштва кои поседуваат дозвола или лиценца согласно Законот за игрите на среќа и за забавните игри да можат да бидат кредитни посредници на финансиско друштво, односно да нудат кредитни производи, соопшти денеска Министерството за финансии.
Предложените измени предвидуваат финансиското друштво да не може да склучи договор за потрошувачки кредит, ако трошоците кои не влегуваат во годишната стапка на вкупни трошоци надминуват 60 проценти од износот на одобрениот кредит. Надоместоците се однесуваат на сите трошоци што потрошувачот ги плаќа или има обврска да ги плати во текот на целиот период на важност на договорот, а кои произлегуваат или на било каков начин се поврзани со договорот за потрошувачки кредит или поврзани услуги. Исклучок од ова се трошоците настанати во постапка за извршување и законската казнена камата. Финансиското друштво ќе има обврска задолжително транспарентно и јавно да го објави тарифникот со надоместоците на својата интернет страница или да го истакне на видливо место во своите работни простории.
Со новиот предлог закон, финансиските друштва ќе треба да воспостават систем за управување со кредитен ризик, кој се однесува на загуба на финансиското друштво поради неможност клиентот да ги намирува своите обврски во договорениот износ или рокови. Законот го зајакнува и надзорот врз работењето на финансиските друштва, по примерот на останатите регулатори (како на пример Народната банка и Комисијата за хартии од вредност), а за што ќе биде пропишан и донесен посебен правилник. Исто така, предвидени се и глоби од 8.000 до 10.000 евра за непочитување на законските одредби.
Дополнително, измените се и во насока на зајакнување на регулаторната рамка за работење на финансиските друштва на пазарот во Република Северна Македонија, а во насока финансиските друштва да претставуваат сериозни финансиски институции кои нудат алтернатива на банакарското работење, а не само друштва кои нудат краткорочни кредити на населението.
Позначајни промени во оваа насока се зголемување на износот на основната главнина за основање на финансиското друштво од 100.000 евра на 500.000 евра, при што таа не може да биде обезбедена од заеми или кредити, да има најмалку двајца вработени, управителот да биде вработен во финансиското друштво и да поседува репутација. Законските измени пропишуваат дека дозволата ќе му биде одземена на финансиското друштво ако во рок од една година му се изречат две мерки, односно глоба или привремена забрана за вршење активност.
Со законските измени се доуредува и финансиската активност – факторинг.
Како што информираа од Министерството за финасии, измените на Законот произлегле од потребата за зајакнување на регулаторните барања и стандарди кои треба да ги исполнуваат финансиските друштва, чиј број значително се зголеми, а се зголеми и бројот на корисници на потрошувачките кредити што тие ги издаваат.