Американскиот претседател Доналд Трамп порача дека неговото трпение со Владимир Путин „истекува“ и предупреди на нови економски мерки против Москва, откако мировните разговори за Украина останаа во застој.

Во интервју за „Фокс њуз“ тој истакна дека санкциите ќе бидат насочени кон руските банки, нафтениот сектор и преку воведување нови царини. „Некако ми снемува трпение, и тоа со забрзано темпо. Ќе има тешки удари преку санкции кон банките, нафтениот сектор и преку царини“, рече Трамп.

Според него, администрацијата веќе презела први чекори, меѓу кои и воведување царини кон Индија поради набавката на руска енергија. Но, американскиот претседател нагласи дека Европа мора да покаже поголем ангажман. „Ова повеќе е проблем на Европа отколку на САД“, изјави тој.

Трамп додаде дека новите економски мерки ќе бидат насочени кон ограничување на финансиските и енергетските ресурси на Русија, со цел да се забрзаат мировните преговори и да се зголеми притисокот врз Москва.