Министерот без ресор беше 14 месеци член на владата, но се уште ретко кој го познава и не знаеме што работел тој човек и никој до сега не го почувствувал резултатот и неговиот бенефит во владата. Да бидеме искрени и чесни Чупи за тоа не е крив. Неговото место во владата беше само резултат на партиско коалициски пазар помеѓу тогашните коалициони партнери кога на големо се правеше пазар и се тргуваше, се делеа министерски и директорски позиции, рече координаторот на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ Никола Мицевски на денешната седница.

Мицевски потсети дека во минатото СДС ветувала намалување на министерските позиции, но го направила тотално спротивното, само за задоволување на интересите и барањата на политичките партнери се со цел задржување на власт подолго.

Сакам да ја потсетам јавноста дека иако пред неколку години раководството на СДС во неколку изборни процеси на големо ветуваше дека ќе го намали бројот на министерства, тие го направија токму спротивното. Постојано измислуваа работни места, позиции, функции во владата само за да се испазарат со своите политички партнери за да ја одржат на власт нивната вештачка коалиција и мнозинство. Така беше претходно, така ќе биде и сега и затоа оваа измислена позиција постои во владата и затоа не ги гледаме бенефициите од неа. Позиција за задоволување на коалиционите потреби и барања – рече тој.

Според Мицевски со реконструкцијата нема да се решат проблемите на граѓаните, нарекувајќи ја владата Пазар 3.

Реконструкцијата на владата и неколку заменици на министри и заменици министри нема да реши ништо во државата. Нема да ги решат и нема да исчезнат натрупаните проблеми на граѓаните кои секојдневно се соочуваат токму поради оваа вештачка творба наречена купи ден продај или по ново Пазар 3 влада – изјави Мицевски.

Координаторот Мицевски ја спомна и анкетата на Евротинк во која дури 61 процент од населението смета дека во Македонија нема демократија, додавајќи дека ова е поразително за владата на СДС, укажувајќи дека согласно анкетата ова нема да се реши со реконструкција на владата, туку со оставка на целата влада.

Дури 53 проценти сметаат дека оваа влада ја води во целост погрешна насока, а само мизерни 5 проценти сметаат дека се движи во добра насока. По поразителен факт од ова нема, ако и и ова Ковачевски и неговата екипа во владата не го гледаат, тогаш имаме многу поголем проблем од ова што го зборувам сега – рече Мицевски.