Додека Венко Филипче бил министер за здравство се криело дека водата е неисправна, обелодени денеска Никола Мицевски, член на ИК и координатор на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ, нарекувајќи ја постапката скандалозна.

– Со Филипче како министер водата била неисправна и тоа се криело од граѓаните. Скоро 400 испитувања на водата во период кога Венко Филипче е министер за здравство и СДС е власт, покажале дека граѓаните пијат неисправна вода и тогашната власт не само што не презела ништо за тоа, туку и го сокрила овој податок од граѓаните. Венко Филипче и СДС свесно оставиле граѓаните бавно да се трујат само за да не изгубат политички поени. Податоците со коишто располагаме покажуваат со какви искривени вредности се Венко Филипче и СДС – рече Мицевски.

Тој сподели дека на 19.05.2021 година, испитувањата за водата на Водостопанство Лисиче во Велес, не одговарале согласно Правилникот за безбедност и квалитет на водата, односно народски кажано, водата не била за пиење.

На 22.06.2021 година, испитувањата за водата во локален водовод во село Нивичани, Кочани, не одговарале согласно Правилникот за безбедност и квалитет на водата.

На 20.07.2021 година, испитувањата за водата во Пештани, Охрид, не одговарале согласно Правилникот за безбедност и квалитет на водата, за што е направен записник и решение за забрана од 23.07.2021 година.

На 10.11.2021 година, во чешма во школо „Страшо Пинџур“, село Уларци, Чешиново, водата не била согласно законските прописи.

Водата во Здравствен дом Делчево на 11.01.2022 година, не била за пиење.

– За ниту еден од овие но и многу други случаи, јавноста не е информирана. Болниците биле полнети, на граѓаните очигледно им било лошо, но никој не знаел од што, а власта тоа вешто го криела. За ова е известено МВР и институциите ќе постапат и ќе ги достават документите до Јавното обвинителство. Очекуваме Јавното обвинителство веднаш и без одлагање да постапи по овој случај и да има одговорност за него – рече Мицевски.