-После блокада која ја спроведуваме во Собранието, а тоа е активната блокада на штетните политики и закони кои што ги има оваа влада и ова раководство на државата продолжуваме со масовни протести, протести кои што ги побараа граѓаните од нас. Целта е да им се испрати порака дека ова владејачко мнозинство, оваа Влада треба да го слушне народот затоа што премногу е веќе од економски и национални катастрофи и кризи. Економски и национални катастрофи и кризи затоа што во државата активни имаме 4 кризи, не ни е добра ситуацијата во економија, не ни е добра состојбата во енергетиката, а со последните потези на оваа Влада и дипломатските активности кои што ги прават очигледно дека Македонија ќе продолжи да биде обезличена земја доколку се прифати од овие предлози кои што ги слушаме, истакна Никола Мицевски, пратеник од ВМРО-ДПМНЕ во своето вклучување во вестите на телевизија Телма.

Мицевски во текот на своето гостување истакна дека на овој протест се поканети сите граѓани кои се чувствуваат излажани, обесправени од оваа власт и кои сакаат оттука да биде почетокот на промените кои ќе следуваат во наредниот период.

-Ова е општонароден протест на кој се поканети сите граѓани во нашата држава. Ние така и го насловивме „Премногу е, протест за промени“ на кој се поканети сите граѓани кои се чувствуваат излажани, обесправени од оваа власт и кои сакаат оттука да почне, да биде почетокот на промените кои ќе следуваат во наредниот период, рече Мицевски.

Мицевски порача дека токму од овој протест ќе започнат промените кои ќе водат до предвремени парламентарни избори и промена на оваа власт.

-Оваа власт ги има узурпирано сите институции и сите процеси кои што може да ги видиме и затоа граѓаните порачуваат дека премногу е и оттука треба да почнат сите промени кои ќе следуваат. Свесни сме дека со овој протест кој денеска ќе се случи нема да ги направиме целосните промени меѓутоа ќе биде почеток за крајната цел, а тоа се предвремени парламентарни избори и промена на оваа власт. Кога една власт нема поддршка од народот таа својата доверба треба да ја испита, провери на избори. Изборите се тие кои треба да го дадат резултатот дали имаат доверба, а не вештачки истакнатото мнозинство со кое располагаат во Собранието. Имаа еден жолт картон од народот, тоа беа локалните избори на кои добија опомена, очигледно не ја сфатија пораката иако порачуваа дека ја научиле пораката, па поради тоа народот денеска од овде од пред платото на владата ќе им порача дека е премногу и дека е време за предвремени парламентарни избори, додаде тој.