– Имено, сакаме да ја информираме јавноста дека власта и владејачкото мнозинство во наредните денови, има намера да протне 12 нови закони злоупотребувајќи го токму европското знаменце. На тој начин, власта има за цел да си донесе закони без отворена дебата и суштинска дискусија за законите. Власта има за цел да ја оневозможи опозицијата овде во Собранието, да даде издржани и аргументирани забелешки. СДСМ и Заев сакаат сите овие закони да ги протнат без дискусија, шверцерски и недемократски. Меѓу законите кои владејачкото мнозинство планира да ги протне е и Предлог – законот за контрола на опојни дроги попознато во јавноста како Закон за марихуана. Колку за информација, овој предлог-закон, власта предводена од Заев, упорно се обидува да го протне во Собранието со една и единствена цел, а тоа е интересот на фамилијата Заеви, познати во бизнисот со производство и доделување на лиценци за одгледување на марихуана. Уште еден закон кој е со европско знаменце е обемниот Закон за парнична постапка кој што има повеќе од 500 членови. За да ви биде појасно, проблемот во постапката со овој Закон е тоа што усогласувањето со правото на ЕУ се однесува на само неколку членови од вкупно 500тини. Ова е класична злоупотреба на европското знаменце и демонстрирање на самоволие од страна на власта, истакна тој.

Мицевски потенцира дека уште еден контроверзен Предлог – закон со кој власта има намера да го манипулира системот на избор на судии и јавни обвинители е Предлог-законот за академија на судии и јавни обвинители.

– Овој закон, првично пред десетина дена беше поднесен во редовна постапка, па беше повлечен, за сега магично и преку ноќ, истиот да се поднесе со европско знаменце. Очигледно, некому му пречи дискусијата од опозицијата и очигледно на некому многу му се брза при изборот на судии и јавни обвинители. Како пратеничка група на ВМРО-ДПМНЕ и како одговорна партија, апелираме до власта и владејачкото мнозинство да престанат да ја уриваат парламентарната демократија и конечно да престанат со шверцерското носење на законите. Оттука, ги повикуваме да го почитуваат Деловникот на Собранието и да ги презакажат матичните комисии каде што сите овие закони ќе бидат разгледани во нормална и редовна постапка, со дебата и дискусија и од пратениците од опозицијата. Доколку, СДСМ, Заев и владејачкото мнозинство не го сторат тоа и не се повлечат од оваа налудничава идеја, јавно од оваа говорница им порачуваме дека ќе го блокираме Собранието на Република Македонија и носењето на секаков вид на закони. Нема да дозволиме материјалните, финансиските, тесно-партиските и коалициските интереси да бидат на прво место, пред интересите на сите граѓани на Република Македонија, посочи координаторот на пратеничката група.

Тој порача:

„Нема да дозволиме поради неспособноста и криминалот на власта и Зоран Заев, повторно ВМРО-ДПМНЕ и опозицијата да бидат виновни. Единствени виновници се токму тие и никој друг.

Многу важно да се напомене е тоа што целото ова насилничко, шверцерско и недемократско однесување и практикување на власта од страна на СДСМ и владејачкото мнозинство е забележано и нотирано и од страна на делегацијата на Европската унија и дипломатските претставништва во Република Македонија. За таа цел, уште еднаш апелирам сите европски чинители уште повеќе да се вклучат и будно да ги следат овие процеси на злоупотреба на европското знаменце.

На крајот, како пратеници од ВМРО-ДПМНЕ сакаме да порачаме дека ова насилие и силување на демократијата мора веднаш да престане. Мора да ставиме крај на арогантното и самобендисаното владеење на СДСМ и Зоран Заев“.