Во текот на кампањата „Важно е! Од тебе зависат промените“ претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски на средбите со граѓаните јасно порача дека ВМРО-ДПМНЕ нема да го прифати бугарскиот диктат и дека тоа 15 месеци е конзистентна политика на партијата.

-Ние веќе 15 месеци зборуваме дека овој бугарски диктат нема да го прифатиме и стоиме зад тоа и нема ниту пак во иднина ваков каков што е сега конципиран бугарскиот диктат да го прифатиме, посочи Мицкоски на средбата со граѓаните во Охрид.

Мицкоски рече дека има редовни координации со пратеничката група и покрај тоа што ВМРО-ДПМНЕ се наоѓа под жестоки притисоци во изминатите 15 месеци, нема да се прифати диктат кој задира во македонскиот идентитет.

-Веруваме во тоа што го правиме, бидејќи овој диктат не е прифатлив поради една проста причина, директно задира во македонскиот идентитет и тоа впрочем го кажа и самиот Бујар Османи пред некој ден дека ова нема да биде последното барање од страна на Бугарија, рече Мицкоски и дополни: – Секогаш кога разговараме со меѓународната заедница на оваа тема го поставуваме едноставното прашање, дали вие можете да ни гарантирате дека ова е единственото и последно барање или понатаму ќе има дополнителни барања?, објасни Мицкоски и посочи дека земја членка на ЕУ како што е Бугарија не почитува одлука на европска институција.

Мицкоски пред граѓаните потсети дека македонскиот народ за европската иднина промени знаме, банкноти, промени Устави, територијална распределба, и шверцерски на насилен пат промени Устав и уставно име.

-Ако била промената на Устав услов за членство во ЕУ, ние би биле шампиони, одамна би биле таму. Не знам друга земја која променувала толку Устав, рече Мицкоски и порача дека после промената на власта во Македонија ќе профунционира институтот одговорност.