Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски, при денешната посета на општина Ресен, одговараше на новинарско прашање поврзано со активната блокада и најавените протести за 18-ти јуни и рече дека и понатаму продолжуваат да го блокираат сето она кое не се однесува на граѓаните – повисоки плати, субвенции, повисоки пензии, сето она кое се однесува за тесни партиски интереси како автентичното толкување на законот за игри на среќа, законот за марихуана и ред такви закони од кои што граѓаните нема да имаат никаков бенефит, ќе бидат блокирани.

-Ќе продолжиме сето тоа да го блокираме бидејќи огромно мнозинство од граѓаните во Република Македонија мислат дека оваа влада треба да замине и дека Македонија се движи во погрешна насока како број 1, и како број 2 Ковачевски и оваа влада упорно бегаат да седнеме на маса да преговараме за дата за предвремени парламентарни избори, но и за сите актуелни прашања кои што народот ги живее секојдневно а тоа се економската криза, финансиската криза, проблемите во образованието, во здравството итн. Така што, можам да кажам дека продолжуваме во рамките на Парламентот со оваа активна блокада и со организација на големиот масовен собир бидејќи молчењето не е опција. Навистина е премногу ова што го живееме еве речиси пет години, на 1-ви јуни ќе изминат пет години откако беше првата влада на Заев избрана, навистина е премногу и затоа велиме дека треба да излеземе масовно на тој голем граѓански протестен собир на 18-ти јуни и да упатиме една порака која силно ќе одекне и која практично ќе има една цел да покаже дека време на оваа влада одамна измина, народот нема веќе верба, дека оваа влада може било што да стори и дека е време за предвремени парламентарни избори со една нова влада предводена од ВМРО-ДПМНЕ која ќе може да ја води Македонија напред преку патот на реформи и за подобра иднина на сите граѓани, потенцираше Мицкоски.