Обновата ќе дојде и промените ќе бидат онолку силни колку ќе биде и поддршката силна. Не сакам да бидам предмет на уцени при создавањето на идната влада и затоа го замолувам секој еден граѓанин да се вклучи и да излезе на следните претседателски и парламентарни избори масовно“, истакна Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски на настан по повод 23 Октомври – Денот на Македонската револуционерна борба и 130 години ВМРО, насловен „Традиција која обврзува за иднина која доаѓа“.
Тој истакна дека важно е гласот на секој еден човек да има важност, бидејќи лошите политичари се на власт, затоа што тие ја користат неодлучноста на оние кои не гласаат.
„Воедно народот треба да биде свесен за данајските игри на оние во опозицијата стимулирани од власта да глумат патриоти и да го ситнат отпорот против оваа власт. Нив ќе ги препознаете што имаат по некоја критика за власта, колку реда ради да помислите дека се опозиционери, ама за се друго и по професија и норма се критичари на опозицијата. Со часови навредуваат, плукаат, анализираат луѓе од опозицијата. Неприродно се занимаваат со ВМРО-ДПМНЕ кога ја имаме најнеспособната власт. Тие треба кај народот да внесат сомнеж за опозицијата и со секој нејзин потег и да ве одвратат од гласање. Мојата порака е не им верувајте, внимавајте. Одговорот на ова треба да биде да не пропадне вашиот глас за тие опозиционери и опозиција на опозицијата, туку масовно да се поддржи единствената сила способна и подготвена за промени ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата што ќе ја предводи ВМРО-ДПМНЕ“, потенцираше Мицкоски.
Тој заклучи дека додека власта шета низ светот, а дома чмае во удобните канцеларии, тој е меѓу народот и можат граѓаните да го видат низ градовите, селата, плоштадите, затоа што заедно со народот ќе ги донесеме промените.