„Теренската акција која ја започнавме „Важно е! Од тебе зависат промените“ треба да испрати порака до секој еден човек дека ако е незадоволен од сегашноста мора да се вклучи и да гласа за својата иднина“, истакна Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски на настан по повод 23 Октомври – Денот на Македонската револуционерна борба и 130 години ВМРО, насловен „Традиција која обврзува за иднина која доаѓа“.

Тој додаде дека важно е да направиме промена.

„Важно е да создадеме вредности и систем на делување. Важно е професорите да бидат вистински вреднувани, а младите да си ги вратиме во нашата земја. Младите мора да ја добијат шансата која ја заслужуваат. Важно е пензионерите да ја имаат заслужената мирна и достоинствена старост. Работниците да имаат повисоки плати, а да се развива и домашната економија преку нови домашни и странски инвестиции. Важно е спортистите да ги бодриме и поддржуваме. Важно е луѓето со попречености да ја имаат сета нега и грижа од системот, болните од ретки болести да добијат навремена терапија. Важно е да имаме здравство кое лечи и систем кој функционира. Важно е земјоделците да ги хранат македонските граѓани. Да имаме задоволни стопанственици на кои им се отвораат можности. Силна економија за силна држава. Важно е медиумите да се слободни. Новинарите да се слободни и независни, со добри плати и услови за работа“, рече Мицкоски.

Тој додаде дека важно е да се обединиме сите кои ги имаме истите маки и истите предизвици. Плачот на секоја мајка чие чедо ја напушта е еднаква болка и тага. Радоста кога ќе создадеме можности тие да се вратат исто така ќе биде подеднаква и важна.

„Но исто така многу Важно е да си ја вратиме и гордоста. Да имаме надворешна политика која создава мостови. Камениот мост овде седи со векови и потсетува на обединувањето на левиот и десниот брег на Вардар. Луѓето пред стотици години создавале мостови, а оваа власт не може да изгради ниту една силна поддршка или да се избори за сојужништво кое ќе донесе резултати“, вели тој.

Мицкоски е дециден дека важно е да победи надежта, да се гради иднина. Македонија да застане на нозе. Да изгрее сонцето на слободата, да ја кренеме главата, да дојде почетокот на обновата во која веруваме и за која се бориме.

„Важно е да влеземе во ЕУ, но и важно е ЕУ да разбере дека Македонија предолго е пред портите на истата таа ЕУ и дека тоа со право создава мачнина и чувство на неправда кон македонските граѓани. Важно е да бидеме почитувани такви какви што сме и тие кои што сме. Македонци од Македонија. Важно е да си подадеме рака со нашите сограѓани Албанци, Турци, Роми, Срби, Власи, Бошњаци и сите останати и да ги премостиме сите наши разлики“, заклучи Мицкоски.