На митинг на ВМРО-ДПМНЕ во Петровец, претседателот на партијата, Христијан Мицкоски, истакна дека инфлацијата расте, цените на производите се покачуваат драстично, тоа ги јаде семејните буџети на граѓаните, а Зоран Заев и власта да можат би им го наплаќале и воздухот на граѓаните.

Реалноста е лоша, стандардот драстично опаѓа, а гувернерката на НБРМ потврдува дека инфлација има и дека ќе се зголемува. Но, тоа најдобро се чувствува кога ќе отидете во продавница, повисоки цени кои го јадат семејниот буџет, половина милион луѓе живеат со 150 денари на ден, покачени цени на масло за јадење, млеко, брашно, a оваа недела повторно, кој знае по кој пат се покачи и цената на бензинот. Се најавува сигурно покачување на цената на струјата, она што постојано го говорам, најпрвин за стопанството, а потоа и за граѓаните – порача Мицкоски.

Тој истакна дека СДСМ се 52 месеци на власт и имаат потрошено 16 милијарди евра народни пари.

16 милијарди евра, а нема некој нов автопат кој самите го изградија, а ветија 500 километри. Ветија раст на економијата од 5% годишно,а просекот во овие 52 месеци е четири пати помал и изнесува 1,25%.

За овие 52 месеци секое семејство го задолжија за 4.500 евра. Секое семејство во Македонија изминативе 52 месеци плати 4.500 евра за да може да трае политичката кариера на Зоран Заев. Ете толку сите нас не задолжи Заев за да може да крадат и уживаат во привилегиите – критикуваше Мицкоски.