Лидерот на ВМРО – ДПМНЕ Христијан Мицкоски најави одговорност за актуелното раководство на ЕСМ, поради, како што потенцира, криминално работење, веднаш по промената на власта.
При денешната посета на Охрид, каде присуствуваше на осветувањето на водите на Охридското Езеро, одговарајќи на новинарски прашања за информациите од СДСМ дека има вишоци на струја и оти бележат позитивен резултат во енергетскиот сектор, рече дека минатата година прку ЕСМ биле потрошени 230 милиони евра, од кои обвини дека 50-тина милиони евра завршиле во приватни џебови преку тендери во четири очи.
– Акумулациите се на минимално ниво, односно како што досега никогаш не биле на историски минимум. Само последните месец и половина од минатата година увезоа за 50 милиони евра струја и сега СДСМ зборува за вишоци. Станува збор за најкриминалното раководство на АД ЕЛЕМ, денешно ЕСМ и веднаш по промената на власта тие луѓе силно ќе одговараат за ова што и го прават на Македонија и македонскиот народ, изјави Мицкоски.
Лидерот на опозициската ВМРО – ДПМНЕ на сите православни христијани им го честита празникот Богојавление – Водици посакувајќи им здравје, среќа, успех…
– Нека ни донесе пред се здравје овој ден, да бидеме спокојни и мирни во душата бидејќи тоа е најважно. Здрав човек и мирен човек може да направи сѐ, рече Мицкоски.