-Ако видовте, во целиот мој говор не ги искоментирав Заев и СДСМ никаде,истакна Мицкоски.

Тој кажа дека тоа е затоа што се надева дека ќе се променат и дека ќе сфатат дека на народот му е доста од поделби и конфликти, туку потребни се напредок и работа.

И, ако видовте, во целиот мој говор не ги искоментирав Заев и СДСМ никаде. Тоа е затоа што се надевам дека ќе се променат и дека ќе сфатат дека на народот му е доста од поделби и конфликти, туку потребни се напредок и работа. До тие кои бараат и трагаат по спокој, напредок, повисок стандард, подобри нормални услови за живот, развој – Ние ве поддржуваме, ова вечерва на својот говор го истакна Христијан Мицкоски, реизбраниот лидер на ВМРО-ДПМНЕ.

-До сите оние што се прашуваат дали македонскиот оган гори сè уште силно, ние, сите заедно ќе докажеме повторно, дека силината на нашата држава не доаѓа од тоа колку сме големи или воено моќни, туку од истрајна моќ на идеалите во кои веруваме – заедништво, демократија, слобода, шанса за сите, правда, развој… и конечно, од нашата верба! Тоа е суштината на она за кое се борам и ќе се борам – Македонија може да се промени! Политичарите можат и мора да се променат. Она што почнуваме и допрва планираме да го правиме на локално и подоцна по идната победа на парламентарните избори, во новата влада, ќе се почувствува дека сево ова е можно и не се само празни зборови. Една работа сакам да издвојам. Додека чекав ред за гласање на моето избирачко место го запознав дедо Ангеле, кој има 84 години. Тој поминал многу. Живеел во време на војни, во времиња кога немало компјутери ни мобилни телефони, кога нашиот народ се борел за слобода и за егзистенција. Кога ќе се сетам на еден таков живот, и колку пати многумина мислеле дека нешто е невозможно, тие луѓе таа генерација која поминала многу, ни докажува дека сè е возможно, тие ни докажале дека надежта и борбата, без разлика на условите, се во нашата крв, да се бориме за подобро, за нашите правдини, за добар живот, за својата земја. Кога дедо Ангеле видел земја која сакале да ја ограбат и да ја поробат, видел и здружен народ кој се бори за своето, за својата земја, значи возможно е…. кога видел сиромаштија и макотрпна работа по полињата, видел и луѓе кои не се плашат да работат за да прехранат семејство… значи возможно е… кога видел инфлации и војни во регионот и народ желен за слобода, народот покажал храброст и се обединил за подобар живот… значи возможно е… кога Симон Трпчевски го освојува светот и музицира во Токио, Њујорк, Лондон се покажа дека е возможно. Кога Диме Муратот го освои Монт Еверест и го развеа македонското сонце на покривот на светот се покажа дека е возможно, вели Мицкоски.

Тој додава дека кога пред неговото време еден учител со страшна визија за иднината рекол јас го разбирам светот како поле на културен натпревар меѓу народите, и се борел за тоа во што верувал… значи возможно е!
Низ сиве овие години, сè што видел дедо Ангеле, се заснова на една работа… Македонија може да се промени! Таа промена зависи од нас. Македонијо, дојдовме до овде но има уште многу пред нас. Денес треба да се прашуваме една друга работа.. како би изгледал идниот век за нашите деца… Ако моите деца ја имаат таа среќа да живеат долго колку дедо Ангеле каква промена тие ќе видат… Каков прогрес ние ќе имаме направено.

-Ова е шанса да го покажеме тоа. Ова е нашиот момент. Моментот на оваа нова генерација. Ова е нашето време да покажеме како се работи, да отвориме работни места, да го зголемиме стандардот, да го подобриме здравството, да покажеме грижа за земјоделците, за социјалците, за пензионерите, младите, за професорите и докторите, за полицајците и војниците, за работниците, бизнисмените, за идните генерации да видат од што сме направени и дека во нашите жили, крв и месо има нешто останато од оние заради кои го имаме ова што го имаме. Да ги отвориме вратите на можностите за нашите деца, да го вратиме просперитетот, да ја вратиме државата на граѓанте, да ја чувствуваат за нивна, дека ги слуша и почитува и дека ги вреднува и работи за нив… Ајде заедно да го создадеме македонскиот сон, составен од фундаменталната вистина која е содржана во Крушевскиот манифест, која повикува на заедништво, да станеме од многу – Едно, и кога ќе нè сретнат со цинизам и потценување, и кога ќе ни кажуваат дека не можеме, ние ќе одговориме гордо и со крената глава ….МОЖЕМЕ ! И ќе Победиме! Победа, победа која ќе биде за секој еден човек, победа во која веруваме и победа со која ќе покажеме дека Македонија е силна. Наша и заедничка, вели Мицкоски.