На еден час пред затворањето на гласачките места, до 18.00 часот, на вонредните избори за претседател на СДСМ гласале 40.220 членови, односно 78,5 отсто од активно регистрираните гласачи.

Членовите на СДСМ денеска можеа да гласаат за Фросина Ременски, Димитар Ковачевски и Јован Деспотовски.

Се очекува Централната изборна комисија да ги соопшти резултатите од вонредните внатрепартиски избори за претседател на СДСМ.

Во март годинава Зоран Заев повторно беше реизбран на чело на СДСМ, но овој пат на непосредни внатрепартиски избори на кои можеше да учествува целото членство.

Седум месеци подоцна, на годинашниве локални избори, СДСМ не само што изгуби голем дел од општините во кои победи во 2017 година, вклучително со градот Скопје, туку не успеа да ја повтори ниту предноста од јули минатата година, од околу 12 илјади гласа и два пратенички мандата наспроти ВМРО-ДПМНЕ.

По вториот круг од октомвриските локални избори, Заев ја најави и својата оставка од лидерската како и од премиерската функција.