Раководството на Демократската унија за интеграција не само што ја изгуби својата порака и својата суштина, туку жалам што се поединци кои што се дел од тоа раководство, на крајот од својата политичка кариера ќе бидат запаметени по криминалот и корупцијата кои што на дневна основа ги прават, но она што е пострашно, преку нивните семејства. Знаете, семејството кога ќе го вклучите во политиката, тогаш вие не сте го допреле дното вие сте отишле и подлабоко од тоа дно. Е сега тоа се случува со семејството на дел од раководството на ДУИ. Тие се обидуваат неколкумина, да буквално ја окупираат Македонија и на тој начин, на грбот на народот да станат милионери. Но тоа беше стара амбиција, сега е милијардери да станат. Тие, мислам дека, веќе во денари се милијардери на грбот на народот, вели претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски од теренската активност за увид на градежни активности во Кисела Вода, запрашан за коментар за повикот на Али Ахмети органите целосно да ги испитаат индициите кои ВМРО-ДПМНЕ ги објави за енормното богатење на неговото семејство.
Мицкоски додаде дека тука, сериозно им асистира полтронскиот коалиционен партнер, а тоа е СДСМ предводено од ова раководство на СДСМ, бидејќи јас сум убеден дека и таму има членови и симпатизери, луѓе кои што не се сложуваат да бидат полтрони на семејството кое што ја има окупирано Демократската унија за интеграција, а со тоа сака да ја окупира Македонија.
„Довербата во партизираното и октроирано обвинителство и судство најдобро го кажуваат јавните мерења, а довербата е некаде околу шест, седум, осум проценти максимум. Зошто е тоа така, затоа што имаме обвинител на кого семејството на една слика му стои на глава и вие сакате, очекувате дека тој обвинител, тука пред сед се мислам знаете на кој, на обвинителот кој што пред неколку месеци беше избран за обвинител во Обвинителството за организиран криминал и корупција. На онаа слика која што е во јавноста позната, гледате како еден човек му стои на глава, знаете точно кој е човекот и знаете од кое семејство е тој човек, а знаете, пак, кој е актуелен последно време поради купопродажбата на онаа зграда во центарот на Скопје. Станува збор директно на семејството на Али Ахмети и тоа е суштината и тој човек кој што себе си се претставуваше како борец за човекови права пред 20 години, изгледа раководен од неколкумина околу него ќе заврши како човек што ќе биде длабоко вплеткан во криминал. Но за жал, го вплеткува и сопственото семејство. Тоа не е добро и би го советувал, да тие малкумина советници околу него кој што на овој начин го советуваат да испраќа пораки во јавноста, или да ги променат тие позиции таму каде што се или да престане на овој начин да го вплеткува сопственото семејство. Имаше шанса голема, но како одминува времето, тој не само што ја пропушта таа шанса туку и е пред сопствениот политички крај како обичен криминалец“, истакна Мицкоски.