Слушам дека вицепремиерот задолжен за европски прашања, значи оној кој треба да ја интегрира државата вели дека било оправдана одлуката да се злоупотреби европското знаменце за изградба на коридорите 8 и 10 Д. Значи оној кој треба да ја интегрира државата во ЕУ го злоупотребува знаменцето на ЕУ само за да пројде случај каде има основан сомнеж за епски криминал. А не му кажале дека прашањето за почитување на законите и Уставот не е прашање на негова желба, туку негова обврска, рече претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски на трибината во организација на партијата насловена како Социјални политики против осиромашувањето и сиромаштијата што се одржува во Тетово во рамки на кампањата Ова е Македонија за сите.

Според него сето ова го прават затоа што на сила буткаат нешто што нема никаква врска со европска вредност, туку со богатење и личен профит.

„И затоа кон државниот буџет се однесуваат како дупната вреќа пари, па на уште не фрлена лопата ќе истрошат пенали и аванси од над 300 милиони евра. И затоа Ковачевски ако е во можност ќе фати усвет дури до Сент Китс и Невис само да не дојде на дебата со мене за овој штетен договор со кој ја ставија државата во подредена положба. А му понудив, но знам дека кој е кукавица и се крие во глувчешка дупка, да ја собере цела влада и Али Ахмети, да изберат време и медиуми и да кажат јас ќе дојдам и ќе дебатираме за сите штетни политики и за овој штетен епски криминален договор“, посочи Мицкоски.