Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ смета дека номинирањето на Талат Џафери за технички премиер е неуставно и спротивно на Законот за Владата, затоа што тој не е предлог на најголемата политичка партија на власт.
„ВМРО-ДПМНЕ треба да учествува во техничката Влада, треба да номинира свои претставници, но истовремено да се воздржи од гласањето за составот на таа влада, зашто изборот на првиот човек кој ќе ја води таа влада е спротивен од законот на кој таа техничка влада се повикува“, вели лидерот на опозициската партија, Христијан Мицкоски, во интервју за „360 степени“ на МРТ 1. Според него, номинирањето на Талат Џафери за технички премиер е неуставно и спротивно на Законот за Влада, затоа што тој не е предлог на најголемата политичка партија на власт.
„Во услови кога понудивме да нема техничка влада, во услови кога понудивме да одиме на избори со политички избрана влада, па дури и доколку тие имаат некаков политички договор, повторно можеа да си го испочитуваат тој договор, а да нема техничка влада… И тоа не значи дека условите се повеќе демократски, туку едноставно цениме дека еден инплант во нашето законодавство или ако ги прашате уставните експерти и де јуре е спротивен на Уставот, треба да го избришеме. И ако бараме да имаме подобар начин и поточен изборен процес, тогаш можеме да бидеме покреативни, а да биде во согласност со Уставот. И тие тоа го одбија“, вели Мицкоски.
На прашањето – дали ставот да се учествува, а да не се гласа за техничката влада е „ситна политикантска финта“, Мицкоски вели:
„Принципиелно е, затоа што потоа ќе предложам на органите на партијата да предложиме закон со кој техничката влада од 1.1.2025 година ќе замине во историјата“.
Мицкоски беше прашан и колку во изборот на претседателски кандидат ќе влијае феноменот Данела Арсовска, која не беше партиско решение и релативно брзо по изборот се разиде со ВМРО-ДПМНЕ.
– Тој феномен, во смисла на Макијавели, си ја исполни својата цел, но доколку ја гледаме суштината, не ја исполни ни едноцифрен број проценти. И денеска да го гледам концептот на модерно Скопје пред мене, јас ќе го поддржам, но тоа што отстапи потоа градоначалничката со нејзиниот тим од тој концепт, тоа е друго прашање.
Прашан за то колку влијае тоа искуство кога сега размислувате за потенцијалниот кандидат за шеф на државата?
-Секогаш треба човек да учи од грешките. Јас мислам дека многу научивме од грешките во минатото. Не сме идеални и сето тоа е дел од таа неравенка која на крајот треба да даде егзактно решение – кој ќе биде кандидатот што делегатите на конвенцијата ќе го изберат за кандидат што ќе го поддржи ВМРО-ДПМНЕ“.
Прашан дали ако Гордана Силјановска-Давкова биде кандидатката за шеф на државата што ја поддрши партијата, би ја сметале за кандидат од партиската база, Мицкоски вели дека таа е дел од големото семејство на ВМРО-ДПМНЕ, исто како десетици, стотици илјади луѓе кои припаѓаат на најголемото политичко семејство ВМРО-ДПМНЕ.
„Како човек исклучително ја почитувам и ценам, поискусен колега од друга област, јас сум инжинер, таа е од правните науки, уставен експерт, меѓународно докажана, патриот, ковек кој ја љуби својата држава“, вели Мицкоски за Силјановска-Давкова.
Во однос на парламентарните избори и потенцијалните носители на листи, Мицкоски вели дека во ВМРО-ДПМНЕ се уште се анализира и дека нема конечна одлука.
-Антитиципираме кои би можеле да бидат носители на листи од страна на нашиот политички противник, од страна на другите помали политички партии, јасно е дека сите тие ќе бидат победници во своите изборни единици, потенцираче Мицкоски.
360°: Да си ја пробам среќата – Мицкоски во единица, Мисајловски во двојка, Ковачки во тројка, Николоски во четворка, Тони Коњаноски или Гордана Силјановска – ако не биде кандидатка на претседателските избори – во петка, и рековте дека Димитриеска-Кочоска нема да биде во техничката влада, тогаш таа во шестка. Колку сум блиску или далеку?
-Можам да кажам од мое име, прилично сте блиску, вели Мицкоски.