Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски при денешната посета на Прилеп одговарајќи на новинарско прашање за начинот на кој МВР преку прес конференција најави дека е уапсено лицето кое испраќало лажни дојави за бомби во училиштата за после неколку часа да го ослободат бидејќи немало никаква поврзаност со случајот, истакна дека за жал тоа е начинот на кој што работи МВР и дека криминалци шетаат слободни, а недолжни луѓе се затвораат и приведуваат.

-Тој е начинот на кој што функционира за жал Министерството за внатрешни работи, криминалци шетаат, а недолжни луѓе ги затвараат и ги приведуваат. Криминалци шетаат и овде во Прилеп. Точно се знае прилепчани кои се криминалците. Нека ги посети Оливер Спасовски неговите пријатели овдека во Прилеп кои што имаат возен парк со неколку стотици илјади евра и нека ги праша од каде ги заработиле тие стотици илјади евра возен парк. Нека ги прошета неговите пријатели овдека во Прилеп коишто ги посетува кога ќе дојде и нека ги праша од каде им е стекнат тој капитал во изминативе три-четири години и ќе ги најде криминалците. Тие треба да ги апси, а не недолжни деца, истакна Мицкоски.

Тој исто така изрази поддршка за Никола кој вчера беше уапсен и додаде дека многу скоро ќе дојде крајот на ваквото функционирање на МВР и ќе следи одговорност.

-Никола може да биде секој еден од нас. Голема поддршка до Никола и многу скоро ќе дојде крајот на овие политички измамници, а потоа јас ви ветувам, ќе следи и одговорност, потенцираше Мицкоски.