Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, денеска оствари средба со Амбасадорот на Руската Федерација во Македонија н.е Сергеј Баздникин.
На средбата се разговараше за актуелната општествено политичка и економска состојба, како и за меѓународните предизвици со кои се соочува регионот и Светот.
Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Мицкоски посочи дека Македонија бележи политички и економски застој во поглед на нашите стратешки цели членство во Европската Унија, при што сериозна препрека освен спорот со Бугарија преставува и отсуството на реформи на Владата, информираат од партијата.
Состојбата со корупцијата и селективната правда кои се широко распространети ја вбројува државата меѓу најкорумпираните во Европа и на дното на скалата на Транспаренси која го мери индексот на корупција, истакна Мицкоски.
Воедно посочи дека можеби најголемиот предизвик во овој момент е заштитата на економскиот стандард на граѓаните, спречување на инфлацијата и растечката сиромаштија. Секој ден народот се буди со нови цени, и се пониски плати, додека владата нема слух за тоа што се реалните потреби на народот, посочи Мицкоски кој додаде дека сериозен предизвик е и скапата струја и енергенси.
На средбата стана збор и за меѓународните предизвици во регионален и поширок контекст, при што Мицкоски посочи дека е за почитување на територијалниот интегритет на сите независни држави и дипломатско надминување на сите различни ставови во поглед на актуелните прашања, информираат од ВМРО-ДПМНЕ.